Дигиталните технологии ги притискаат властите да развиваат нови стратегии и партиципаторни процеси на креирање политики

“Треба да го редефинираме поимот култура во новото дигитално опкружување“, вели Аљоша Симјановски, режисер во Македонската телевизија. Загриженоста на г-дин Симјановски ја одразува актуелната состојба на аудиовизуелниот сектор во Република Македонија, кој е во континуиран раст како резултат на тоа што филмската продукција, радиодифузијата, издаваштвото и музичкото творештво се повеќе се ориентираат од традиционалните медиуми кон дигиталните платформи.

Имајќи предвид дека аудиовизуелниот сектор зафаќа речиси 10% од националната економија, дури и државниот советник при Министерството за култура, Борче Николовски, нагласува колку е важно да се разбере како дигиталните технологии влијаат врз овој сектор: „постои јасна потреба од ново мапирање на овој сектор, кое ќе покаже нови резултати во поглед на промените што се случуваат во технолошка смисла“.

Со цел сеопфатно да се одговори на оваа итна потреба, Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, со поддршка на Меѓународниот фонд за културна разноликост на УНЕСКО (IFCD), предложи и реализираше проект што се состоеше од три компоненти: компаративна анализа во која е нагласена важноста на аудиовизуелниот сектор во рамки на креативните индустрии; студија за мапирање на состојбата во која се дава преглед на иницијативите и политиките имплементирани досега со цел да се зајакне секторот на креативните индустрии; и конференција на која беа презентирани и се дебатираше за резултатите од двете анализи.

Сите три дела на проектот беа успешно имплементирани до фебруари 2014 година и сите ја нагласија важноста на дигиталните технологии во секторот на креативните индустрии на земјава.

“Дигиталните технологии направија огромен напредок во поглед на бројот на медиуми и платформи низ кои кретаивните содржини им се пренесуваат на корисниците. Тоа ги поттикнува играшите на пазарот да ги прилагодат постојните и да развиваат нови бизнис модели со цел да произведуваат аудиовисуелни содржини за повеќе медиуми”, заклучуваат Сашо Богдановски и Снежана Трпевска, автори на студијата за мапирање “Мерење на економскиот придонес на аудиовизуелната индустрија во Република Македонија”.

Жанета Трајкоска, директорка на Високата школа, додава: “еден од најважните заклучоци од нашиот проект е дека дигиталните технологии ги притискаат носителите на политиките да се координираат меѓусебно, да работат заедно со индустриите и со академската заедница со цел да развијат нова сеопфатна стратегија за целиот аудиовизуелен сектор”.

Со други зборови, дигиталната технологија помага и да се воспостави мрежа на претставници на јавните институции, граѓанското општество и креативните претпријатија од аудиовизуелната индустрија.
Во оваа смисла, овој проект поттикна и процес на креирање инклузивни и партиципаторни политики: “според моето мислење, продолжувањето на овој проект ќе ги поттикне институциите, претставниците на индустријата и властите да преземат конкретни мерки за да се развива индустријата во вистинската насока, а со тоа да се направи поголем напредок во интерес на сите засегнати страни”, вели Бисера Јордановска, директор на националната ТВ станица “Алсат М” и член на Асоцијацијата на национални ТВ станици.

На крајот, проектот заврши со сознанието дека има уште многу нешта што треба да се направат, на пример:  да се поттикне претприемништвото, да се унапредат аудиовизуелни вештини, како и да се отворат фондови за финансико стимулирање на секторот. За да се одговори на овие потреби, беше развиен и усвоен Акциски план од сите учесници и заинтересирани страни што учествуваа на конференцијата одржана во фебруари 2014 година.

Ова значи дека секој учесник поединечно е посветен на исполнувањето на предвидените активности во Акцискиот план, што носи позитивни ветувања за иднината на аудиовизуелниот сектор во Република Македонија.